Хидрографија

Површинската хидрографска мрежа на подрачјето на Општината е слабо развиена, најмногу поради иннтензивниот процес на карстификација кој ги зафатил терените на Караџица, Сува планина и Венец. Ако се исклучат Маркова река и Треска, кои ги означуваат границите на општината, останува заклучок дека единствен постојан водотек е Брзовечка река и горниот дел на Патишка река. Покрај нив постојат и неколку периодични водотеци, кои пресушуваат во летниот сушен период.

Ваквите се особено карактеристички за карстниот простор, а меѓу поголемите е Дервен, кој извира под превојот Кула и постепено понира на работ на Долно поле. Интересна појава е вертикалната бифуркација на Патишка река, чии подземни води течат кон сливот на Треска (извираат во врелото Коритиште), додека во влажниот дел од годината кога таа има повеќе вода нејзиниот површински тек се влива во Маркова река.

Од предното може да се заклучи дека Општина Сопиште е мошне сиромашна со водени ресурси, иако останува фактот дека варовничката подлога не е доволно проучена за да се утврди евентуалниот потенцијал на подземните води, кој може да биде одлучувачки импулс за развој на општината.

Всушност отсуството на вода за домаќинствата е главен инхибирачки фактор за развој на населбите и секундарното домување, што особено се гледа во населбите кои не се поврзани на скопскиот водовод.