Географска Положба и Карактеристики

Општина Сопиште, која се вбројува во средно големи општини според површината, се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, зафаќа површина од 223,53 м2. Географски, Општината го зафаќа југозападниот дел на Скопската котлина, долж реката Маркова Сушица и нејзиниот спој со реката Треска, под падините на Водно.

Физичко-географските услови во рамките на општината се изразито варијабилни при што некои од нив (клима, растителен и животински свет) се јавуваат како промотори за развој на населбите, а други (хидролошко-хидрографски одлики) како инхибитори.

Останатите покажуваат силна променливост и поларизација (релјеф, почва) па влијанието врз населбите зависи од нивната локација.

И покрај ридско-планинскиот карактер и периферната поставеност во однос на Скопската котлина, општината сопиште сепак има поволна географска положба, пред се поради непосредната близина на Скопје.

Таа е меѓу ретките општини во Републиката која е извонредно добро опремена со внатрешни сообраќајни комуникации, за што зборува и фактот што до секоја населба водат асфалтни патишта, неретко и од повеќе правци. Особено значаен е регионалниот пат Скопје-Македонски Брод, кој сеуште не е целосно изграден, но трасата која минува низ општината е завршена.

Релјеф и геолошки состав.

Подрачјето на Oпштина Сопиште се карактеризира со извонредно разновиден релјеф и геолошки состав. Подлогата ја сочинуваат претежно метаморфни и седиментни карпи со различна старост. Во источниот дел на просторот доминираат доломитски мермери, додека во поречјето на Маркова река се распространети неогени езерски седименти. Во изворишниот дел пак на Патишка река се наталожени дилувијални морени, кои се подложни на карстификација.

Во релјефен поглед, најистакнат е јужниот дел на просторот, каде се издига високото рамниште на планинскиот масив Јакупица, каде доминира билото на Караџица (2472 м). Тоа е поделено на два дела, кон исток се протега билото Пепељак, кое се спушта во басенот на Маркова река, додека кон запад се протегаат Сува планина и Венец, кои претставуваат изразити мермерни греди.

Територија на Општина СопиштеЗа овој простор карактеристични се карстните релјефни форми, пред се постоење на голем број долови, вртачи, ували и две карстни полиња, Рудине и Долно поле (кое е едно од ретките такви во Македонија кои се населени).

Кон север во релјефот се надоврзува кристалестото Водно, полукружно затворајќи го овој простор кој во минатото претставувал простран залив на Скопското езеро, поради што доминира брановиден ридски рељеф.

Биогеографски карактеристики

Во најнискиот дел на Општината, езерските тераси на Маркова река, денес главно е застапена културна вегетација или пак деградирани површини. Всушност тука се лоцирани 10 од 13-те населби, околу кои интензивно се обработува земјиштето.

Во овој простор постои интересна појава на ширење на старите шумски заедници во ридските пасишта, напуштените полјоделски површини и голините. На граничните делови од просторот се јавуваат благун-белгаберови шуми во различни физиономски форми.

Термофилната вегетација е застапена до 900 м.н.в., по што е широко распространет шумскиот горски појас, со силен горунов комплекс. Интересна појава е заедницата на мечја леска и црн јасен во близина на Нова Брезница, додека падините на кањонот на Треска се обраснати со реликтни шуми од црн бор и македонска саса.

Над зоната на горун, се протегаат добро сочувани букови и вуково-елови шуми, кои завршуваат на 1900 мнв, по што до највисоките врвови се протегаат високопланинските рудини и пасишта.

На просторот на оопштината се среќаваат почви чија бонитетна класа варира меѓу 3-5. Најквалитетните почви се алувијалните наноси покрај Маркова река, додека на ридскиот простор се среќаваат смолници или деградирани кисели кафеави почви. Во западниот карстен дел доминираа црвеница, додека во шумскиот простор и на пасиштата има варовничко-доломитски црници.